Top Sport

Ферстапен се подбива со Мерцедес: Да, техничката директива беше многу лоша за нас

Иако Белгиското ГП ќе го стартува од 15. место поради казната за менување на моторот, Макс Ферстапен ги „исплаши“ своите ривали со неверојатната брзина која болидот на Ред бул ја покажа на квалификациите за Белгиското ГП и покрај техничката директива на ФИА за „потскокнувањето“, која според многумина требаше да ги намали перформансите на Ред бул и Ферари, а да им помогне на Мерцедес.

Вчера на квалификациите, Ферстапен беше за 0.6 секунди побрз од Карлос Саинс Јуниор во Ферари, и неверојатни 1.8 секунди пред болидите на Мерцедес, и покрај тоа што ФИА одреди одредени параметри за да се „крене“ подот на болидот за да се избегнат проблемите со „потскокнувањето“, кое беше најзабележливо кај болидите на Мерцедес.

„Даааа, таа техничка директива беше многу, многу лоша за нас“, изјави низ смеење Холанѓанецот по саботните квалификации.

Неговиот шеф, Кристијан Хорнер, пак имаше помалку непристоен коментар за ситуацијата.

„Па, мојата сопруга честопати ми кажува дека големината не е најважна. Затоа не се грижиме за 10 милиметри“, изјави со насмевка Хорнер.

Ривалот од Мерцедес, Џорџ Расел беше искрен.

„Мислам дека Макс ќе не уништи сите пред него и најверојатно ќе стигне до лесна победа. Тој и Ред бул се толку пред сите нас“, изјави Расел.

Scroll to Top