Top Sport

Ферстапен се смири: Не мислев да навредам никого

Макс Ферстапен инсистира дека не сакал да навреди никого кога го нарече стјуардот на Американското ГП, Гери Конели „идиот“ и „монгол“ по контроверзниот финиш на трката.

Холанѓанецот беше казнет со 5 секунди поради излегување надвор од границите на патеката при претекнувањето на возачот на Ферари, Кими Раиконен во последниот круг во Остин, по што го загуби третото место. Тој беше фуриозен по трката, навредувајќи ги ФИА, и посакувајќи фановите да не се вратат следната година.

Кога ситуацијата се смири и возачот на Ред бул реши да ја „спушти топката“.

„Видете, во жарот на моментот кажувате работи, но секако, не мислев ништо лошо. Во тој момент тоа само излезе од мојата уста. Не мислев да навредам никого“, изјави Ферстапен во интервју за холандското ТВ-шоу „Пепток“.

Сепак, Ферстапен останува на своето – ФИА мора да најде поинаков пристап на одредувањето на стјуардите, бидејќи Ред бул не смееја да поднесат жалба на одлуката.

„Мислам дека многу луѓе сакаат менување на системот. Таа одлука не беше коректна и смешно е што не смееме да направиме ништо. Можеме да зборуваме, но тоа не ги порава работите“, додава Ферстапен.

Scroll to Top