Top Sport

Ферстапен смета дека само него го казнуваат, веќе нема респект кон Хамилтон и Мерцедес

Макс Ферстапен не отстапува од своето, влегувајќи во остар напад на ривалот за титулата Луис Хамилтон и на ФИА пред последната трка во шампионатот во недела во Абу Даби.

Возачот на Ред бул смета дека стјуардите му доделуваат нефер казни, додека Хамилтон е заштитен, посочувајќи на последната трка во Саудиска Арабија. Ферстапен доби две казни таму – првата за истуркување на Хамилтон од патеката, а вториот за бизарниот судир кога требаше да го пушти да го помине.

„Јасно е дека казните не се однесуваат за сите, бидејќи работите кои ги направив, во одбрана на позицијата, ги направија и двајца други возачи и не беше ниту спомената казна, така што не сфаќам што се случува. Не заслужив казна, но ја добив. Не знам каде бев толку во грешка во Саудиска Арабија двапати. Другите возачи го прават истото и не добиваат казни. Двајцата бевме надвор од патеката, но некако одлучија дека тоа е моја казна и не се согласувам. Потоа тој ме истурка од патеката и дури ме погледна, и доби предупредување. Барам да е фер за сите, но јасно е дека не е така. Не мислам дека направив грешка, и треба да ми се дозволи да се тркам“, вели Ферстапен.

Холанѓанецот потврди дека ќе му честита на Хамилтон ако Британецот ја освои осмата титула, но само „ако работите бидат фер“. Но, тој целосно го сменил мислењето за Хамилтон и Мерцедес оваа сезона, посочувајќи на прославата на победата во Силверстоун додека тој беше во болница по судирот со Хамилтон.

„Да, оваа година видовме многу различна страна, и тоа не на убав начин“, додава Ферстапен.

Scroll to Top