Макс Ферстапен е победник на Австриското ГП на патеката на неговиот тим Ред бул, пред двајцата возачи на Ферари, Кими Раиконен и Себастијан Фетел, додека Луис Хамилтон ја прекина неверојатната низа од 33 трки во поени со откажување кое го остави фуриозен на својот тим, кој целосно ја „утна“ тактиката со влегување во боксот.
Ова е четврта победа во кариерата за Ферстапен и доаѓа пред „морето“ фанови во портокалово, откако голем број на Холанѓани допатуваа во австриското „село“ Шпилберг за трката.
„Да се победи на Ред бул ринг со сите холандски фанови на трибините е нешто неверојатно за мене. Денеска беше навистина добар ден“, изјави Ферстапен по трката.
Роман Грожан во Хас го освои четвртото место пред Кевин Магнусен (Хас), Естебан Окон (Форс Индија), Серхио Перез (Форс Индија), Фернандо Алонсо (Мекларен), Шарл Леклер (Заубер) и Маркус Ериксон (Заубер). Мерцедес првпат од мај 2016 година немаат болид меѓу тие кои ја завршија трката.
Резултатот исто така значеше враќање на Себастијан Фетел на првото место во генерален пласман, сега со само еден поен предност пред лутиот Хамилтон.
Hamilton’s incredible 33-race points scoring streak comes to a close#AustrianGP ?? #F1 pic.twitter.com/55rABVcziY
— Formula 1 (@F1) July 1, 2018
Хамилтон, кој стартуваше на второто имаше одличен старт и го помина својот колега, освојувачот на пол-позицијата, Валтери Ботас, кој падна на четвртото место по првиот круг. Ботас успеа да се врати на второто место, пред во 14-тиот круг неговата трка да заврши откако болидот загуби хидраулички притисок.
Двата болиди на Ред бул и на Ферари влегоа во боксот при „виртуелното“ безбедносно возило по застанувањето на Ботас, но Мерцедес одлучуваат Хамилтон да не влезе во боксот. Кога ќе влезе во боксот 10 круга подоцна, тој паѓа на четвртото место, и од Мерцедес преку радиото му признаваат дека направиле грешка.
Фетел го помина ривалот за титулата Хамилтон во 38. круг, пред Британецот поради проблеми со моторот да ја стопира трката како четврти во 64. круг. Во аут беше и Даниел Рикардо во Ред бул во 51. круг.
Фото: ЕПА