Во интервју за британскиот весник „Тајмс“, двократниот светски шампион, Макс Ферстапен зборуваше за своето детство во тркачко семејство и за времето поминато со семејството Шумахер.
Таткото на Ферстапен, Јос Ферстапен беше Ф1 тркач и близок пријател на седумкратниот шампион Михаел Шумахер, а неговата мајка Софи Кумпен исто така беше рели-тркач.
„Се сеќавам на некои заеднички летувања. Бев мал, не знаев дека тој е седумкратен шампион, за мене беше само чичко Михаел кој е тука околу нас. Секогаш беше пријатно со него. Луѓето си помислуваат дека секогаш има гламур во Формула 1, но тоа беше само две семејства кои одат на одмор. Со Мик Шумахер на почеток не се разбиравме – тој зборуваше германски, јас холандски. Но, потоа почнавме со картинг-трките и подобро се запознавме“, вели Ферстапен.
За неговата мајка, пак, тој открива дека таа во својата тркачка кариера го победувала неговиот сегашен шеф во Ред бул рејсинг, Кристијан Хорнер.
„Мене тоа ми е смешно, и честопати го потсетувам дека бил поспор од мојата мајка. Нивниот стил на тркање беше различен. Мојот татко беше поагресивен, се гледаше со тоа како седеше во картингот. Мајка ми пак, беше чист тркач. Таа беше помала во споредба со машките тркачи, но знаеше да го искористи тоа“, додава шампионот.