На Себастијан Фетел очигледно му пречат прашањата околу тимските наредби во Ферари кои го поставија него во „повластена“ позиција во однос на колегата Шарл Леклер.
По Кинеското ГП, каде што Леклер му го препушти третото место на Фетел откако прво го претекна во првиот круг, многу коментатори сметаа дека тоа е нефер кон 21-годишниот Леклер. Фетел сега е четврти во генерален пласман со 37 поени, а Леклер заостанува еден поен.
Запрашан дали тимските наредби се најдобар рецепт за титулата, Фетел луто одговори.
„Не знам, прашајте го Луис. Мерцедес и порано беа во таква ситуација. Ова не е првпат да има вакво нешто. Како што кажа шефот Матија Биното се обидуваме да правиме сè како тим. Пред две недели во Бахреин, Шарл беше побрз и тогаш беше полесно. Сакам да бидам пред Шарл, тој сака да биде пред мене. Не сакам да ја ширам темата, посебно кога медиумите сами си даваат одговори“, вели Фетел.