Top Sport

Фетел: Имам толку многу прашања за Шуми

Себастијан Фетел вели дека му недостасува неговиот германски сонародник и ментор, Михаел Шумахер, кој би можел да му даде совети за ситуацијата во која се наоѓа – во Ферари во очајна потрага за светска титула.

Шумахер, за жал, не е виден по несреќата на скијање во декември 2013 година, кога доби сериозни повреди на мозокот и сега живее со своето семејство во Швајцарија, далеку од очите на јавноста. Фетел, кога ја почнуваше својата кариера, беше нарекуван наследник на Шумахер, и тие двајца заедно со Нико Розберг остануваат единствените светски шампиони од оваа земја.

Запрашан во интервју со швајцарскиот весник „Блик“ што би го прашал Шумахер доколку би можел, Фетел беше јасен.

„Да беше здрав ќе имав толку многу прашања за него, и тоа не секогаш за моето возење. Многу повеќе за работите кои се одвиваат зад сцената. За работата во тимовите, за политиката во Формула 1. Тој доби огромно искуство во Ферари“, вели Фетел.

Минатиот месец, Германецот, кој повторно ја губи титулата во борба со Луис Хамилтон во Мерцедес, изјави дека не дошол во Ферари поради Шумахер.

„Да можеме да дојдеме барем блиску до успехот на Михаел би бил голем успех за сите нас, но времињата се сменија и тоа што е зад нас не не движи во иднината“, додава Фетел.

Scroll to Top