Top Sport

Фетел казнет по конфликтот со ФИА на состанокот на возачите

Четирикратниот светски шампион, Себастијан Фетел доби условна казна од 25.000 евра откако го напуштил петочниот состанок на возачите пред Австриското ГП, потврдија од ФИА, во уште една епизода на несогласувања околу носењето одлуки во спортот.

„Возачите не смеат да си заминат од состанокот кога ќе посакаат, бидејќи тоа е прекршување на правилата. Формула 1 возачите треба да се пример на сите возачи во светот, и според нашето мислење, во овој случај Себастијан Фетел не ги заддржа тие стандарди“, се вели во одлуката на стјуардите, каде што се додава дека Фетел се извини и дека имал консктруктивен разговор со директорот на трки за овој викенд Нилс Витих.

Витих и Едуардо Фреитас се новите директори на трки на ФИА по отказот кој го доби Мајкл Маси пред стартот на сезоната по контроверзите на минатогодишната последна трка од сезона во Абу Даби, но тие се соочија со повеќе контроверзи и со „бунт“ на возачите. Возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, кој е претседател на Асоцијацијата на ГП возачи (ГПА) вели дека форматот мора да се менува.

„Мислам дека мораме да имаме само еден директор на трки. Потребна ни е постојаност со стјуардите, бидејќи вака нема објаснување на одлуките, ниту преземање одговорност“, изјави Расел.

Претходно, двократниот светски шампион Фернандо Алонсо по изјавата дека стјуардите не си ја знааат работата, мораше јавно да се извинува на претседателот на ФИА, Мохамед Бен Сулајем. Тука, секако, беше и конфликтот со Луис Хамилтон, откако ФИА реши да почне да ја применува одлуката за забрана на носење накит на Ф1 трките, заканувајќи му се со суспензија.

Scroll to Top