Top Sport

Фетел „математичарот“: Уште имам шанси за титулата

Себастијан Фетел не се согласува со повеќето гледачи и фанови на Ф1 дека неговите надежи за петта титула во Формула 1 се завршени по Руското ГП во Сочи, по кое заостанува 50 поени зад ривалот од Мерцедес, Луис Хамилтон.

Германецот, едноставно, вели дека според математиката, тој уште има причина за борба.

„Не бев гениј по математика во училиште, но бев доволно умен да си ги завршувам сам задачите. Не е лесно ако постојано губиме поени, но да, уште верувам во нашите шанси. Кој знае? Една трка без финиш и работите ќе изгледаат поинаку. Не му посакувам на Луис нешто, но ова е Формула 1 и никогаш не се знае. Треба да продолжиме да работиме и да се фокусираме на следните трки“, вели Фетел.

Хамилтон сега има осум победи, и пет од последните шест, додека Фетел, со пет победи повторно имаше одлично отварање на сезоната по низа грешки, делумно негови, делумно на тимот, да му ја предаде „палката“ на ривалот. Германецот сега има 256 поени, Хамилтон е на 306.

Следна трка на календарот е Јапонското ГП во Сузука, по што следуваат американските трки – Тексас и Мексико, пред Бразилското ГП и финалето во Абу Даби.

Фото: ЕПА

Scroll to Top