Top Sport

Фетел: Не можевме ништо со новите гуми на Пирели

Себастијан Фетел имаше фрустрирачка недела во Каталонија, откако мораше да се задоволи со четвртото место со цели 27 секунди заостанување зад победникот Луис Хамилтон, кој сега „бега“ дури 17 поени во генерален пласман.

Ферари имаа одличен старт на сезоната со две победи во низа на Фетел, но Германецот страдаше во Барселона откако не успеа да се снајде со новите гуми на „Пирели“, и тоа значеше послаба брзина од таа на Мерцедес и на Ред бул.

Тоа најдобро се забележа при крајот на трката, кога Ферстапен дури и со полу-скршено предно крило беше побрз од него.

„Ги трошевме гумите многу побргу од другите. Дури и кога Макс имаше скршено предно крило беше побрз од мене. Можеби во Ред бул треба да размислат за такво преуредување на болидот. Едноставно немавме доволно брзина и иако имав најсвежи гуми, тие беа најоштетени на крајот на трката. Мислам дека промената на состојките влијаеше повеќе на нас. Мораме да ги разгледаме убаво овие гуми“, објаснува Фетел.

Пред трката постоеја „обвинувања“ дека „Пирели“ со промената на состојките на гумите за Шпанија им помогнале на Мерцедес, а им наштетиле на Ферари, но тркачкиот менаџер на производителот, Марио Изола, вели дека доколку не ја направеле промената ќе имало вистинска „лотарија“ на патеката.

Одлуката да се намали длабочината на „рецките“ на гумите за 0.4 милиметри беше донесена поради проблемите кои се појавија на тестирањето во Барселона пред стартот на сезоната.

„Да не ги сменевме ќе имаше вистинска лотарија со гумите, а тоа како единствени снабдувачи не смееме да си го дозволиме. Треба да имаме идентичен продукт за сите – безбеден и постојан.  Никогаш не би направиле нешто да наштетиме на некој наш партнер. Работиме со сите врвни производители, не само во Формула 1 и зошто би помагале на некој посебно?“, се прашува Изола.

Фото: ЕПА

Дали Пирели им помогнаа на Мерцедес?

Scroll to Top