Top Sport

Фетел: Не смеам да му мафнам на Хорнер или Строл, веднаш сум на насловна

На Себастијан Фетел му е мака од шпекулациите кои го поврзуваат со можен ангажман во Рејсинг поинт следната сезона, откако по трката во Силверстоун една од главните вести била дека германскиот возач на Ферари се возел во автомобил со шефот на ривалскиот клуб, Отмар Шафнауер.

Фетел тврди дека уште нема договор со ниту еден тим за 2021 по разделбата со Ферари и смета дека медиумите бараат сензационална вест.

„Луѓето сакаат да прават сензации, но навистина не знам што е толку интересно. Кога ќе му мафнам на Лоренс Строл или на Кристијан Хорнер, тоа веднаш е на насловната страница. Имам неколку опции за следната година и ми треба време да размислам. Инаку, за волја на вистината, повеќе пати сум бил во автомобилот на Отмар, но никој не беше заинтересиран“, вели 33-годишниот четирикратен шампион во интервју за францускиот магазин „Ауто едбо“.

Тој исто така ги демантираше шпекулациите дека размислува за трансфер во Формула Е шампионатот, посочувајќи дека има опции „само во Ф1“.

Scroll to Top