Top Sport

Фетел неодлучен околу кам-бекот на Кубица

Четирикратниот светски шампион Себастијан Фетел признава дека не знае што да мисли за обидот на Роберт Кубица да направи кам-бек во Формула 1 со тимот на Вилијамс.

Успешната кариера на Полјакот во Ф1 беше сопрена во 2011 година кога тој имаше рели-несреќа во Италија и за малку ќе му беше ампутирана десната рака. Сепак, по настапи во Рели ВРЦ шампионатот, тој сега е прв фаворит да биде колега покрај Ленс Строл во тимот од Гроув откако тестираше во Абу Даби на крајот на сезоната.

„Мислам дека тоа што му се случи на Роберт беше многу трагично. Тој беше сметан за иден светски шампион и можеби ќе станеше тоа. Но, навистина не сфаќам зошто сега се реши на обид за враќање. Зошто не претходно? Би било убава приказна за него и за Формула 1, меѓутоа од друга страна тоа не е добра вест за младите возачи кои сакаат да добијат место во Ф1“, вели Фетел во интервју за весникот „Зонтагсблик“.

Интересно е што Фетел првата шанса да настапи во Формула 1 ја доби поради еден друг судир на Кубица. Во сезоната 2007, Фетел беше тест-возач за тимот на БМВ-Вилијамс, а откако Кубица имаше спектакуларен судир на Канадското ГП, тој доби шанса да вози на Американското ГП.

Фетел се квалификуваше на седмото место, и заврши како осми за да го освои првиот поен како најмлад Ф1 возач во историјата (19 години и 349 дена). По ова, Ред бул го повлекоа Германецот во својот јуниорски тим Торо росо за да настапи во последните седум трки од 2017 година, а следната година стигна до првата победа во кариерата на Италијанското ГП трката во Монца.


Scroll to Top