Себастијан Фетел немаше најдобар старт на вториот ден на вториот тест во Барселона, откако директно се заби во бариерите на третата кривина, приморувајќи пауза во тест-програмата на Ферари.
Од Скудерија потврдија дека имало технички проблем со предниот дел на СФ90 болидот, а самиот Германец призна дека не бил во контрола на болидот.
„Не знам што се случи. Во болидот, влегував во третата кривина и почувствував дека нешто не е во ред со предниот лев агол на болидот. Не можев да направам ништо да го спречам ударот бидејќи не го контролирав болидот. Сите во Маранело работат на случајот“, вели Фетел.
Првата недела на тестирањето во Барселона помина во знак на Ферари и на нивниот брз болид, и останува да се види дали формата ќе ја пренесат и на трките почнувајќи од следниот месец во Австралија.