Светската автомобилистичка федерација (ФИА) потврди дека ќе изврши „детална анализа“ за процедурата за излегување на безбедносното возило на патеката во последните кругови во Абу Даби, и дека за тоа ќе бидат советувани возачите.
Макс Ферстапен стана светски шампион во неделата откако излегувањето на безбедносното возило му даде шанса да го нападне и претекна Луис Хамилтон за победата, предизвикувајќи протест од Мерцедес за одлуката на директорот на трки на Ф1, Мајкл Маси да се дозволи петте болиди кои беа меѓу Ферстапен и Хамилтон да излезат пред нив, за да им даде шанса да се тркаат.
ФИА на состанокот на својот Светски моторспорт совет ја донесе следната одлука.
„Условите за користење на безбедносното возило по инцидентот на Николас Латифи, и комуникацијата помеѓу директорот на трки на ФИА и Формула 1 тимовите, предизвика значително недоразбирање и реакции од тимовите, возачите и фановите, нешто што во моментов го загрозува имиџот на шампионатот и прославата на титулата на Макс Ферстапен. Оваа тема ќе биде отворена за дискусија со сите тимови и возачи за да се научат лекциите и да се даде објаснување на учесниците, медиумите и фановите за регулативите. ФИА ќе даде мандат на Ф1 комисијата да даде предлози за менување на спортските регулативи и заклучоците ќе бидат донесени пред стартот на сезоната 2022“, се вели во соопштението на ФИА.
Statement of the FIA World Motor Sport Councilhttps://t.co/sUEuawIt7h
— FIA (@fia) December 15, 2021