Top Sport

ФИА откри: Мерцедес бараше истрага за Ферари!

Шефот на Мерцедес Ф1, Тото Волф вели дека било „вознемирувачки“ што ФИА именуваше двајца членови на Мерцедес како главната причина за истрагата на Ферари и нивниот ЕРС систем на трката во Монако.

Ферари имаа посебен софтвер и екстра сензор во текот на целиот викенд во Монако, откако ФИА истражуваше дали нивниот систем за поврат на енергијата ги прекршувал правилата на ФИА. Директорот на трките на Ф1, Чарли Вајтинг во неделата изјави дека ФИА се „задоволни од истрагата“ и потврди дека нема да има казни за италијанскиот тим.

Меѓутоа, тој исто откри дека истрагата е почната по барање на „човек кој работи со мотори од Ферари кој сега е во Мерцедес“. Тој директно ги посочил Лоренцо Саси (поранешниот шеф на мотори на Ферари) и Џејмс Елисон (поранешен технички директор на Ферари) како „инспиратори“ на истрагата. Волф ова го сфати како навреда.

„Една од моите улоги во тимот е да ги заштитам моите луѓе, а кога некои луѓе се именувани во погрешен контекст, нормално дека е вознемирувачки. Сите тимови бараат разјаснувања на правилата од страна на ФИА. Ние никогаш не сме велеле дека болидите на ривалите се нелегални. Нема пресуда, нема протест, нема истрага. Ние веруваме во ФИА“, вели Волф.

Тој посочи дека не верува дека Ферари ќе се лутат на нивното барање.

„Ова е како рагби. Се туркаш, се туркаш, а потоа одиш на пиво заедно“, додаде Австриецот.

Фото: ЕПА

Ред бул и Мерцедес задоволни од истрагата на ФИА против Ферари

Scroll to Top