Top Sport

Фитипалди: Норис е главен фаворит за титулата

Двократниот шампион во Формула 1, Емерсон Фитипалди, изјави за „Спорт клуб“ дека неговиот поранешен тим Мекларен врши одлична работа и дека можат да ја освојат титулата во конкуренција на возачите оваа година.

Бразилецот, кој ја освои титулата со Мекларен во 1974 година, откако ја освои круната две сезони порано како возач на Лотус, беше еден од шампионите кои присуствуваа на спектакуларното отворање на новата сезона во Формула 1, во „О2 арена“ во Лондон.

Претстојната сезона го означува крајот на актуелната ера на Формула 1, а многумина пред почетокот на првенството предвидуваат дека ќе биде најнеизвесно во последните години. Што се однесува до Фитипалди, само еден возач се издвојува како фаворит.

„Според мене фаворит е Ландо Норис. Мислам дека Мекларен прави фантастична работа во последните две години, тие се многу константно брзи и Ландо е одличен, верувам дека има големи шанси да стане шампион следната сезона“, рече Фитипалди.

Новата сезона во Формула 1 започнува со Големата награда на Австралија на 16 март.

Scroll to Top