Top Sport

Формула 1 воведува ограничување на буџетот на 145 милиони долари

Светскиот моторспорт совет (ВМСЦ) на ФИА преку електронско гласање ги усвои промените на спортските, техничките и финансиските правила во Формула 1 шампионатот, и можеби најзначајно го ограничи буџетот на Формула 1 тимовите.

Формула 1 од следната сезона првпат во историјата ќе воведе ограничување на буџетот на тимовите на 145 милиони долари, а ќе развие ие „хендикеп-систем“ за развојот на болидите на поуспешните тимови. Буџетот ќе биде ограничен на 145 милиони долари во 2021, 140 милиони долари во 2022 и 135 милиони долари за 2023-25 со максимум од 21 трки по сезона.

Во 2021 година исто така ќе има и „аеродинамички хендикеп“, односно тимовите ќе можат да ја развиваат својата аеродинамика на болидот во однос на тоа каде ќе завршат во сезоната. Со „токен“ системот за 2021 тимовите ќе можат да прават само минимални подобрувања на болидот од 2020 за следната сезона.

Тие кои бараа намалување на трошоците се пресреќни.

„Формула 1 денеска победи! Ова е клучен момент во историјата на нашиот спорт. Формула 1 подолго време не е финансиски оддржлива и без акција ќе се загрозеше самото постоење на спортот“, вели шефот на Мекларен, Зек Браун.

Формула 1 претходно се согласи за ограничен буџет од 175 милиони долари за следната сезона, но поради кризата со корона вирусот тимовите кои имаат седиште во Велика Британија се најдоа во тешка финансиска ситуација, приморувајќи подрастично намалување на трошоците.

Scroll to Top