Тимот на Форс Индија потврди дека привремено престанува со развојот на својот болид за следната сезона до решавањето на финансиските проблеми, односно до наоѓањето на нов сопственик.
Тимот едвај учествуваше на Унгарското ГП и на тестирањето по трката, иако на крајот на јули отиде под британски стечај, но сега сите „дополнителни“ активности, како развојот на болидот нема да се вршат додека не се најде нов сопственик на тимот. Иако тимот досега успеа многу со еден од најмалите буџети во спортот, без пари не може да се оди понатаму.
„Дизајнот на болидот е готов. Но, треба да се платат добавувачите за да донесат материјали и да ги изградиме деловите на болидот“, вели шефот на тимот Отмар Шафнауер.
Техничкиот директор Ендру Грин е поискрен, кога вели дека тимот ќе оди „наназад“ до крајот на сезоната.
„Ако не донесеш нови делови на секоја трка, тогаш одиш наназад. Формула 1 наликува на трка со вооружување од студената војна“, вели Грин.
Фото: ЕПА