Top Sport

Гасли по победата добил честитки од Нејмар и Мбапе

Возачот на Алфа Таури, Пјер Гасли открива дека добил честитки од повеќе фудбалски ѕвезди, вклучувајќи ги Килијан Мбапе, Нејмар и Оливие Жиру по неговата неверојатна победа на Италијанското ГП во Монца во неделата.

Французинот беше шокантниот победник во Италија по низа на околности кои ги спречија фаворитите да се борат за победа, и по својот прв триумф вели дека добил честитка и од францускиот претседател Емануел Макрон, како и од фудбалерите на неговиот омилен клуб, Пари Сен-Жермен.

„Бев импресиониран и пресреќен од пораките кои ги добив од други спортисти. Момци како Нејмар, Антоан Гризман, Килијан Мбапе, Фабио, Жиру… Многу фудбалери ми се јавија, како и некои тенисери, велосипедисти… Навистина сум шокиран, но и пријатно изненаден бидејќи толку сме фокусирани на својата работа, што не сфаќаме дека некој ги следи нашите кариери“, вели Гасли.

24-годишниот Французин исто така доби пофалби и од шесткратниот светски шампион Луис Хамилтон, кој им порача на Ред бул да го вратат Гасли во првиот тим (Ред бул рејсинг). Со победата се комплетираше неверојатниот пресврт во животот на Гасли, кој во последните 12 месеци го загуби местото во Ред бул, го загуби својот најдобар пријател, Ф3 возачот Антоан Ибер во незгода, и домот му беше ограбен од крадци.

Scroll to Top