Top Sport

Глупоста на Мерцедес беше скапа за Расел, прва победа по 190 трки за Серхио Перез!

Серхио Перез, мексиканскиот ветеран, конечно стигна до својата прва победа во Формула 1 кариерата по 190 старта, триумфирајќи за Рејсинг поинт на Сакир ГП во Бахреин, откако Мерцедес се „самоубија“ и го спречија Џорџ Расел да стигне до славна победа во трката во која беше само замена за Луис Хамилтон. Мексиканецот нема место за следната сезона во Формула 1, откако Рејсинг поинт (следната година како Астон Мартин) се решија да го заменат со Себастијан Фетел.

Перез на крајот заврши пред Естебан Окон во Рено, а неговиот колега Ленс Строл го освои последното место на подиумот, откако Мерцедес направија неверојатна грешка со погрешниот избор на гумите во боксот со Расел и со освојувачот на пол-позицијата Валтери Ботас. Ботас на крајот беше осми, Расел заврши на деветтото место.

Трката започна со нов инцидент во кој трката ја завршија Шарл Леклер во Ферари и Макс Ферстапен во Ред бул, иронично по контактот токму со Перез. Расел, пак, го презеде првото место од Ботас и го покажа својот неверојатен талент со оддржување на предноста, пред инцидент на неговиот тим, Вилијамс да предизвика излегување на безбедносното возило на десетина круга пред крајот.

Тогаш, Мерцедес направија аматерска грешка, помешувајќи ги гумите и поставувајќи му погрешен сет. Поради тоа тие го повикаа повторно во боксот и тој излезе како шести зад Ботас, оставајќи го Перез на првото место.

22-годишниот Расел, повторно покажа дека е подготвен за борба, поминувајќи ги сите пред себе (повторно Ботас) и останувајќи само зад Перез, кога имаше дупната гума и мораше уште еднаш да влезе во боксот.

Scroll to Top