Рено Ф1 направи големи промени на менаџерскиот тим во фабриките во Енстоун (каде што се прави шасијата) и во Вири (каде што се развива моторот на францускиот тим) со фокус на промените на правилата кои ќе се воведат во 2021 година.
Во Вири-Шатијон, Криштоф Мари ќе биде нов директор на инженеринг од 1 август, додека Стефан Родригез е директор на проектот, а двајцата ќе одговараат на техничкиот директор за мотори, Реми Тафан. Мари, кој работеше 14 години во Ферари и четири во Мерцедес, е претставен како големо засилување за тимот. Во Енстоун, досегашниот заменик шеф на дизајнот, Мат Харман, кој дојде од Мерцедес минатата година, е новиот одговорен покрај техничкиот директор Ник Честер.
Рено завршија како четврти во генерален пласман кај конструкторите минатата сезона, но немаа најдобар старт на 2019 година, и во моментов се на седмото место во генерален пласман по првите четири трки од сезоната.