Двократниот Ф1 шампион Мика Хакинен, тврди дека неговиот сонародник Валтери Ботас треба да добие повеќе пофалби за својата работа во Мерцедес и покрај тоа што постојано е зад својот клупски колега Луис Хамилтон.
Хакинен ја почна кариерата во Мекларен покрај Аиртон Сена во 1993 година, така што имаше тешка задача да се носи со легендарниот Бразилец во првите трки. Ботас, пак, е зад Хамилтон во петте сезони со тимот, иако Хамилтон го нарече „најдобриот колега“ кој го имал во спортот.
„Фасциниран сум од работите кои се потребни да успееш во Формула 1 и затоа уште го следам спортот. Затоа боли кога ќе се видат некои нефер коментари околу Валтери Ботас, без да се има вистинска перспектива. Знам како е да се вози против најдобриот во мојата генерација, во мојот случај Аиртон Сена, и да имаш колеги како Џони Херберт, Мартин Брандл, Најџел Менсел и секако, Дејвид Култар. Ниту еден од нив не беше спор возач! Лесно е да се зборува за некој кој е светски шампион, кој победува постојано, а потоа да го критикувате колегата. Јас освоив две титули со помош на Култар како колега. Мерцедес знаат најдобро како е кога двајца возачи се во конфликт со примерот со Нико Розберг, и затоа дел од работата на Валтери е да работи покрај Луис и за тоа треба да му се честита“, вели Хакинен.