Мика Хакинен вели дека грешката на Себастијан Фетел на Германското ГП покажува дека Германецот е под нивото на „возач од светска класа“. Фетел се изврте на дождот во Хокенхајм, дозволувајќи му на Луис Хамилтон да победи и да стане нов лидер во генерален пласман.
Фетел нема победа во Хокенхајм, патеката која се наоѓа блиску до Хепенхајм, родното место на асот на Ферари и може да нема нова шанса, бидејќи германската патека нема договор за иднината.
Хакинен вели дека дождот се поставува како непремостлива пречка за Фетел, но дека тој едноставно мора да биде подобар. Со ова тој се согласува со острите критики во италијанскиот печат за Германецот.
„Секој прави грешки, но таа на Себастијан Фетел беше навистина огромна. Не сум изненаден дека е нервозен, бидејќи ова беше негова шанса да победи во Хокенхајм првпат, пред својата публика и да го зголеми водството во генерален пласман. Кога си возач од светска класа треба да избегнуваш такви грешки. Од друга страна кога си лидер на трката, ти првиот ги забележуваш условите на патеката бидејќи си побрз од другите. Не ми е жал за Себастијан бидејќи мора да ги намали ваквите грешки. Но, сигурен сум дека ќе се врати силно веќе следната трка“, вели Хакинен.