Светскиот шампион Луис Хамилтон најави дека Макс Ферстапен и Фернандо Алонсо се подготвени да го заменат во тимот на Мерцедес обидувајќи се да го убедат шефот на тимот, Тото Волф.
Ова доаѓа откако Хамилтон призна дека би сакал да вози за Ферари од 2021 година по крајот на договорот, и по шпекулациите дека веќе неколку пати се сретнал со претседателот на компанијата, Џон Елкан.
„Интересно е тоа што има многу возачи кои бараат друга позиција. Тото добива толку повици од возачи, вклучувајќи некои кои беа тука, кои бараат да дојдат, сакаат да ме заменат. Но, тоа се разбира, бидејќи секој сака во шампионска формула“, изјави Хамилтон на доделувањата на наградите на ФИА, каде што беа присутни и Алонсо и Ферстапен.
Договорот на Ферстапен со Ред бул, исто така завршува на крајот на следната сезона, исто како и договорот на Себастијан Фетел со Ферари, додека Алонсо неколку пати најави дека би се вратил со позитивни промени за 2021.