Луис Хамилтон вели дека неговиот најголем ривал за светската титула во Формула 1, Себастијан Фетел ги прекршувал правилата зад безбедносното возило на Азербејџанското ГП, повторно враќајќи ја тензијата меѓу двајцата на истото место како и лани.
Хамилтон вели дека Германецот возел опасно со успорување и забрзување, и побара разјаснување на правилата од директорот на Ф1, Чарли Вајтинг пред следната трка во Барселона.
„Не е правилно да успоруваш и забрзуваш постојано. Така го ‘лажеш’ човекот зад тебе. Тој го направи тоа и во Австралија и за малку ќе се удрев во него. Во Баку го направи тоа четири пати и морам да разговарам со Чарли бидејќи стјуардите не реагираа. Следниот пат ќе бидам поподготвен“, вели Хамилтон.
Минатата година на трката во Азербејџан имаше речиси обратна ситуација – зад безбедносното возило Фетел луто реагираше бидејќи сметаше дека Хамилтон намерно му сопира. Возачот на Ферари ја загуби контролата, дојде до страната на болидот на Британецот и му гестикулираше, за што потоа требаше да се извинува за да избегне казна.
Фото: ЕПА