Луис Хамилтон вели дека „непријателското“ опкружување во Монца само го инспирира да ги победи Себастијан Фетел и Кими Раиконен.
По судирот во првиот круг со Фетел, Хамилтон со мала помош на колегата Валтери Ботас успеа да го помине Кими Раиконен во финишот на трката за по петти пат да победи во Монца и да го израмни рекордот на Михаел Шумахер. Во исто време, Раиконен беше толку блиску до прва победа на домашната трка од 2010 година, откако го имаа стартниот ред во Монца.
Хамилтон, како секоја година, и оваа беше исвиркан од фановите на Ферари, но вели дека тоа само го инспирира.
„Денеска беше многу тешко. Негативноста никогаш не е добра, но таа ме туркаше цела трка. Веќе ја прифатив. Сакам да им оддадам почит на Ферари кои имаа одлична трка и битка со нас. Имаше многу негативност, но и многу британски знамиња. Знаат кои се. И во иднина сакам негативните работи да ги претворам во позитивни. Благодарам и на Валтери. Ние не се предаваме“, изјави Хамилтон.