Четирикратниот светски шампион, Луис Хамилтон вели дека единствен возач од кого нешто научил во кариерата бил Фернандо Алонсо, со кого возеше во својата деби-сезона во Мекларен во 2007 година.
Во интервју за „Си-ен-ен“, возачот на Мерцедес беше неочекувано искрен, објаснувајќи дека не научил ништо од својот поранешен колега и поранешен пријател, Нико Розберг, човекот од кого ја загуби титулата во 2016 година.
„Не. Нула. Од сите мои колеги со кои се тркав, не научив многу од нив. Единствен од кого нешто научив би бил Фернандо Алонсо. Тоа беше првата година во Ф1, а потоа имав доволно искуство и не гледав потреба да учам од некого. Секогаш се обидував само да ги кренам моите способности“, вели Хамилтон.
Тој исто така зборуваше за тоа колку созреал како возач во петте години во кои вози за Мерцедес, велејќи дека кога пристигнал во 2013 имал добар волја и ентузијазам за рбота, но дека немал доволно работна етика.
„Дојдов со добра енергија, но сега имам многу подобра работна етика, нешто што требаше да го имам од почетокот. Ќе имав пет титули, но не би го сменил тоа. Тоа што лани ја загубив титулата ме направи подобар возач“, додава Хамилтон.