Top Sport

Хамилтон: „Експертите“ како Розберг не можат да најдат добар збор за мене

Луис Хамилтон влезе во напад на коментаторите-експерти на „Скај Ф1“ поради коментарите на Германското ГП, пред да ја избрише пораката на Инстаграм.

Хамилтон во неделата стигна до 66. победа во кариерата во Хокенхајм во сензационална трка од 14. место на стартот по што го врати водството во генерален пласман. Меѓутоа, откако ги погледна снимките од преносот, тој ги нападна коментаторите на „Скај“, Мартин Брандл, Дејмон Хил и својот поранешен ривал и колега Нико Розберг.

„Никогаш не ги гледам трките, но кога се вратив дома погледнав што се случуваше на ’Скај’. Навистина е забавно што поранешните возачи кога коментираат не кажуваат ниту еден добар збор за мене. Која и да е причината им простувам. Позитивноста и љубовта секогаш победуваат без разлика на кои зборови тие ги кажуваат и се обидуваат да ме потценат. Господ е добар цело време“, напиша Хамилтон.

Објавата е зачудувачка бидејќи посебно Розберг беше полн со пофални зборови за својот поранешен колега.

„За Луис ова беше феноменално и вистински кам-бек. Никогаш не го отпишувајте Луис. Тој секогаш се враќа и уште еднаш го покажа тоа“, изјави Розберг.

Ова доаѓа по шпекулациите дека Хамилтон лично побарал Розберг, со кого немаше најдобри односи како колега во Мерцедес, да не ги врши интервјуата по крајот на трката. Интервјуто по трката го водеше ексвозачот на Ред бул и Мекларен, Дејвид Култард.

Scroll to Top