Луис Хамилтон можеби има четири светски титули и милиони заработени од Формула 1, но тоа не значи дека многу го цени спортот во кој учествува. Асот на Мерцедес вели дека Ф1 е заглавена во „камено доба“ во споредба со другите спортови, но се надева дека оваа ситуација ќе се смени наскоро.
Хамилтон неодамна го критикуваше дизајнот на патеката за предложената Ф1 трка во Мајами, и вели дека не му е јасно зошто возачите не се консултираат за големите одлуки во спортот. Тој не очекува тоа да се смени, но верува дека новите сопственици „Либерти медија“ ќе направат прогрес на други места како социјалните мрежи и зголемување на привлечноста на спортот.
„Никогаш досега не се консултирале возачите, така што не очекувам тоа дас е промени. Но, верувам во шефот на ’Либерти’, Чејс Кери и во желбата за промени. Формула 1 е во камено доба во споредба со НФЛ, фудбалот и другите големи спортови. Чејс има голема работа“, вели Хамилтон.
Покрај предвидената трка во Мајами, Ф1 може наскоро да отпатува и во Виетнам, а повеќе од четвртина од сегашниот календар (Бахреин, Кина, Сингапур, Абу Даби, Русија и Азербејџан) немаа трки пред 2004 година.
„Лудо е кога ќе помислиш дека на толку многу места Ф1 уште е непознат спорт. Ни требаат повеќе трки во САД на пример“, додава Хамилтон.
Фото: ЕПА