Директорот на трки на Формула 1, Чарли Вајтинг вели дека му се „смешни“ коментарите на Луис Хамилтон по Белгиското ГП дека Ферари имаат „трик работи“ на нивните болиди.
Актуелниот шампион подоцна објасни дека не мислел дека италијанскиот тим прави нешто нелегално, но додаде дека предноста која ја има Ферари е зачудувачка. Вајтинг вели дека Хамилтон едноставно не може да знае што прави Ферари.
„Тоа ми е малку смешно, бидејќи јас знам многу за болидот на Ферари, и нема шанси Луис да знае нешто. Тие завршуваат добра работа во моментов, така што Мерцедес треба да се потрудат да ги стигнат, нели? Ако тој вели дека тие имаат трикови, јасно е дека имаат работи на болидот кои им даваат подобри перформанси, но ние во ФИА сме свесни за сѐ што се случува“, вели Вајтинг.
Шефот на Мерцедес, Тото Волф исто така признава дека е фрустрирачки што неговиот тим се обидува да дознае што прават во Ферари, но додава дека верува во ФИА.
„Во човечката природа е кога те победуваат на патеката да гледаш што прават другите, вашите ривали и кога немаш објаснување, си помислуваш дека прават ’лоши’ работи. Немам информации, но имам доверба во ФИА“, објаснува Волф.