Во изјава која претставува мал „низок удар“ кон ривалот, Луис Хамилтон вели дека е горд што избегнал грешки како Себастијан Фетел во 2018 година.
Фетел и Ферари ја „утнаа“ стратегијата на Сингапур ГП трката, откако Фетел загуби време на тренинзите со удирање на ѕидот на тесната патека, и по неделата Хамилтон отвори предност од 40 поени на шест трки од сезоната. Како и лани, Хамилтон блеска во средината на сезоната, победувајќи четири од последните пет трки за да биде блиску до петта светска титула.
Фетел, од друга страна, наместо да е фаворит со најбрзиот болид, направи грешки во Германија и Италија, заедно со стратешките грешки на Ферари во Унгарија и Сингапур. Меѓутоа, Хамилтон вели дека не се работи за среќа, туку за напорна работа.
„Не гледам на сезонава и велам дека имавме среќа. Кога Фетел удри в ѕид пред некој ден, загуби драгоцено време на патеката и тоа не е наша среќа. Јас се гордеам што не се поставувам во такви ситуации. Знам дека тимот смета на мене, како што неговиот тим смета на него. Има голем притисок и ако направиш грешка има големи последици. Не трошам време на тоа што го прават тие, дали чувствуваат притисок или се несреќни. Не можеме да се фокусираме на нив“, вели Хамилтон.
Фото: ЕПА