Top Sport

Малдини признава: Милан е далеку од нивото на Јувентус

Паоло Малдини признава дека неговиот Милан е „далеку“ од позицијата да може да ги предизвика своите лути ривали Јувентус за титулата во Серија А оваа сезона, откако Милан одигра 1:1 со Каљари останувајќи со скор 1-1-1 по три меча оваа сезона.

50-годишниот Малдини, кој се врати во својот клуб како директор за спортска стратегија и развој, признава дека титулата е недостижна.

„Анти-Јувентус? Да бидеме сериозни, уште сме далеку од тоа ниво. Целта е да се биде во топ 4 во лигата и да се има добра сезона во Лига Европа. Проектите се важни за нас, но уште не можете да го споредувате Милан со Јувентус“, вели Малдини за „Скај Италија“.

Малдини, кој се пензионираше во 2009 по 902 настапи во 24 години со Милан, вели дека целта е да се развиваат младите фудбалери и да се прави основа за силен Милан. Последната титула „росонерите“ ја освоија во 2011 година, и оттогаш имаат само две титули од Суперкупот на Италија.

„Ова е сериозен проект, и сакаме да го кренеме Милан назад на старото највисоко ниво. Мораме да го вратиме победничкиот менталитет, бидејќи имаме млади фудбалери кои не се уверени во своите способности и мораат да добијат самодоверба“, додава Малдини.

Фото: ЕПА

Scroll to Top