Top Sport

Хамилтон ја „грабна“ победата во Сочи по самоуништувањето на Ферари

Луис Хамилтон се врати на победите на Руското ГП во Сочи, откако трката на Ферари „имплодираше“ по контроверзи со тимски наредби и откажување на Себастијан Фетел.

Откако тензиите беа високи по победата на Фетел во Сингапур минатиот викенд, Германецот одби да го пушти Шарл Леклер назад во водство, но на крајот трката заврши со неуспех, односно со откажување на моторот.

Леклер се врати пред Фетел по лошиот старт и во водство откако застана предвреме во боксот, но Фетел го паркираше болидот на патеката и предизвика виртуелно безбедносно возило. Со ова се дозволи Хамилтон и Валтери Ботас да направат влегување во боксот, кое на крајот го претворија во неочекувана 1-2 победа, додека Леклер заврши исфрустриран на третото место.

Фетел успеа да ги помине Хамилтон и Леклер во првиот круг на трката, која веднаш беше „неутрализирана“ под безбедосно возило по судирот на Роман Грожан, Даниел Рикардо и Антонио Џовинаци. Ферари му наредија на Леклер да не се бори со Фетел по рестартот на трката, за потоа колегата да го пушти на првата позиција. Но, Фетел одби да го направи тоа и потоа се одвои пред колегата. Леклер прв влезе во боксот, и со четири круга на свежи гуми го помина Фетел, кога тој се откажа во 22. круг поради проблем со моторот.

Ова на крајот значеше дека Хамилтон стигна до 82. победа во кариерата, за да го зголеми водството во генерален пласман на 72 поени пред Ботас на само пет трки пред крајот на сезоната.

Макс Ферстапен беше четврти за Ред бул пред колегата Александер Албон, додека Карлос Саинс Јуниор беше шести за Мекларен, пред Серхио Перез (Рејсинг Поинт), Кевин Магнусен (Хас), Лендо Норис (Мекларен) и Нико Хилкенберг (Рено).

Scroll to Top