Top Sport

Хамилтон ја покори Германија, Фетел не ја заврши трката

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, победи на трката за Големата награда на Германија. Трката ја обележа непредвидливото време, катастрофалната грешка на Себастијан Фетел и тимските наредби.

Хамилтон победи на Хокенхајм, иако трката ја стартуваше од 14.позиција. Британецот, максимално го искористи добро подготвениот болид, одлично менаџираше со пневматиците, а како „шлаг“ на сето тоа дојде и грешката на Фетел.

Германецот пред домашната публика стартуваше од пол-позицијата, ја предводеше колоната пред тимскиот колега Кими Раиконен и се до 52.круг се чинеше дека Ферари ќе забележи двојна победа.

Зад болидите на Ферари, по 40.круг застанаа двајцата од Мерцедес, Ботас и Хамилтон, кои ја дочекаа тактичката грешка на конкурентите од Ферари.

Најпрвин по тимските наредби Раиконен го пропушти Фетел, а Хамилтон излезе пред Ботас. Во тие моменти започна вистинската борба на патеката, а уште поинтересна трката ја направи дождот.

Бидејќи дождот не врнеше на целата патека, тимовите решаваа дали ќе ги менуваат гумите или не.

Фетел потоа направи катастрофална грешка, излета во 13.свиок, Ботас ја презеде лидерската позиција, а кога Финецот и неговиот сонародник од Ферари, Раиконен, заминаа во боксот, Хамилтон стана нов лидер и во последните 12 круга не ја испушти предноста.

Покрај Хамилтон, Ботас и Раиконен бодови во Германија освоија уште Верстапен, Хилкенберг, Грожан, Перез, Окон, Ериксон и Хартли.

Благодарение на победата во Германија, Хамилтон се врати на челната позиција во генералниот пласман, тој има 188 бода, 17 повеќе од Фетел.

Наредната недела на програмата е трката за Големата награда на Унгарија.

Scroll to Top