Луис Хамилтон, малку некоректно, вели дека е среќен да му го направи животот на неговиот ривал за титулата Себастијан Фетел „мизерен“ и во следните неколку години, откако Германецот го продолжи договорот со тимот на Ферари.
Во неделата, Хамилтон дојде на чекор до четвртата светска титула со победата на Американското ГП, откако го помина Фетел на патеката за водство и во интервју за британскиот таблоид „Сан“ се отвори за повеќе теми, како отсуството на понуда од Ферари во минатото, како и за контроверзниот судир на двајцата во Азербејџан оваа сезона.
„Ми се допаѓа црвениот автомобил и сум фан на компанијата и брендот. За секој возач би било чест да се возат тие болиди, но за мене тоа не беше опција. Ако Ферари ме сакаа, тогаш ќе дојдеа по мене. Јас сакам да возам за луѓе кои ме сакаат. Ако не ме сакаат, тогаш нема проблем. Ќе бидам среќен да им го направам животот мизерен во следните неколку години. Себастијан само што потпиша нов договор, така што за мене и Мерцедес, целта е да го направиме него и Ферари несреќни во следните три години“, изјави храбро Британецот.
Хамилтон имаше коментар и за инцидентот во Баку, каде што Фетел, лут бидејќи сметаше дека возачот на Мерцедес го „тестираше“ под сопирачки додека беа зад безбедносното возило, дојде до него и се удри во него.
„Тоа како Себастијан се однесуваше во Баку и тоа што го прави не влијае на мене и на тоа колку голем можам јас да бидам. Знам каде сум во однос на натпреварувањето и мислам дека и тој знае. Секогаш има почит. Кога бев дете чувствував многу расизам. Сакав да ги нокаутирам децата кои ми кажуваа такви работи, но татко ми секогаш ми советуваше моето да го кажам на патеката и да ги победам тие кои се помоќни. Делата се погласни од зборовите. Освој ја титулата и тоа ќе ги замолчи“, додаде Хамилтон.