Top Sport

Хамилтон најбрз пред квалификациите, во недела ќе стартува 5 места подолу

Луис Хамилтон го постави најдоброто време на првиот тренинг пред Бразилското ГП на патеката Интерлагос, откако беше потврдено дека ќе добие казна од 5 места на неделната трка поради менување на моторот, додека Макс Ферстапен беше зад ривалот пред вечерашните квалификации за утрешната спринтерска трка.

По потврдата на казната, сесијата не почна најдобро за Хамилтон, откако во Мерцедес имаа проблеми со сетапот, но како што течеше сесијата, тој на меки гуми го постави најдобриот скор од 1:09.050 на легендарната патека, за три десетинки од секундата пред Ферстапен.

Ферстапен има 19 поени пред Хамилтон на четири трки пред крајот, и сега ќе биде клучна квалификациската сесија во 20 часот, со која ќе се одреди стартот на саботата спринтерска трка од 24 круга. Позицијата на Хамилтон нема да биде под закана за таа трка, односно ако биде прв ќе стартува утре прв, но во недела ќе стартува пет позиции подолу од пласмаот поради петтата промена на моторот во 2021.

Серхио Перез продолжи со одличната форма со трето место и една десетинка заостанување зад Ферстапен и една десетинка пред Валтери Ботас во вториот Мерцедес.

Пјер Гасли беше петти за Алфа Таури пред Карлос Саинс и Шарл Леклер во Ферари, додека Мекларен разочараа – Лендо Норис беше 15., а Даниел Рикардо само 19.

Scroll to Top