Иако минатата година постојано се шпекулираше дека Луис Хамилтон е пред договор со Ферари, тој сон на италијанските тифози нема да се оствари, бидејќи седумкратниот шампион најверојатно уште еднаш, за последен пат, ќе го продолжи договорот со Мерцедес, тимот кој му ги донесе шесте од своите седум титули.
Пред трката во Бахреин, Хамилтон отворено зборуваше за оваа врска со Скудерија.
„Во ниту еден момент не бев блиску до заминување од мојот тим. Секој поминува во одредени периоди од својот живот, кога ги анализира опциите и сака да е сигурен дека е направен вистинскиот избор. Не знам дали моите вредности се еднакви со тие на Ферари, но едноставно тоа не беше пишано. Не ми пречи тоа. Горд сум и благодарен на патот кој го имав со Мерцедес и мислам дека ова е единствениот тим каде што остануваш член цел живот. Стануваш дел од брендот Мерцедес и во тоа семејство си засекогаш“, објаснува Хамилтон.