Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон изјави дека ќе почека со освојувањето на новата титула во Формула 1. Тој смета дека тоа нема да се случи на Големата награда на Мексико.
До крајот на сезоната во Ф1 останаа уште 4 трки, а Хамилтон има 64 бода повеќе од својот тимски колега, Валтери Ботас кој е втор во генералниот пласман.
Првата шанса да ја освои титулата Британецот ја има во Мексико Сити, но вели дека не брза.
„Никогаш никаде не сум брзал. Сметам дека Мексико генерално е најлошата трка на календарот за нас поради однесувањето на болидите, мислам дека ќе ни биде тешко. Претходните беа поприлично шокантни, иако таму освоивме титула. Не очекувам дека одлуката ќе падне во Мексико, верувам дека ќе се бориме уште неколку трки“ – вели Хамилтон.
Британецот своите две последни титули ги освои на патеката „Ерманос Родригез“ која се врати на календарот во 2015 година, првпат по 23 години. За неговите ривали не постои сомнеж дека Хамилтон ќе освои нова титула.
„Луис ќе ја освои, не е битно на која трка, не е ни важно. Мене ми е сеедно“ – рече Себастијан Фетел од Ферари.
На наредните 4 трки, вкупно 104 бодови се во игра, затоа што од годинава се бодува и најбрзиот круг на трката. За да ја обезбеди титулата веќе на 27 октомври, Хамилтон ќе мора да освои 14 бода повеќе од Ботас, а тоа оваа сезона се случи само еднаш.
По ГН на Мексико, следуваат трките во САД, Бразил и Абу Даби.