Top Sport

Хамилтон: Нема да е трагедија ако сезоната ја завршам без победа

Британскиот возач Луис Хамилтон, седумкратниот светски шампион во Ф1, изјави дека доколку ја заврши сезоната без победа во шампионатот, тоа нема да биде „крај на светот“.

„Остануваат уште шест трки, тоа се шест шанси за победа“, рече Хамилтон, кој секогаш победувал барем по една Гран При по сезона од неговото деби во Формула 1 во 2007 година.

„Ако не успееме, не е крај на светот. Ќе се вратиме на врвот“, додаде возачот на Мерцедес.

Хамилтон, рекордерот по бројот на победи во Формула 1 (103), исто така одби да ја опише тековната сезона како „мрачен период“.

Хамилтон, во генералниот пласман, го зазема шестото место со 168 бодови.

Британецот, кој теоретски веќе не може да му се заканува на Ферстапен на првата позиција, призна дека 2022 година била „една од најтешките“ сезони во неговата кариера.

Хамилтон додаде дека главна цел во моментов е неговиот тим Мерцедес да стигне до второто место во поредокот кај конструкторите.

Мерцедес моментално е на третото место со 371 бод, зад Ферари кој е на втората позиција со 406 бодови.

Водечка екипа во конструкторскиот поредок е Ред Бул.

Scroll to Top