Седумкратниот светски шампион Луис Хамилтон ги опиша перформансите на Мерцедес на тренинзите за Канадското ГП во Монтреал како „катастрофа“, оценувајќи дека В13 болидот станува полош со секоја наредна трка.
Хамилтон и неговиот колега Џорџ Расел имаа различни сет-апи за тренингот во Канада во обид да се најде решение за проблемите со болидот кои траат цела сезона. Хамилтон преку радиото им се пожали на инженерите дека болдиот „не може да се вози“, и на крајот заврши на 13. место.
„Ова беше како секој петок за нас досега оваа сезона, обидувајќи се со различни работи. Експерименталниот под на мојот болид не функционираше. Ништо што правиме на овој болид како да не функционира. Не знам како беше за Џорџ, но за мене беше катастрофа. Како болидот да станува полош со секоја трка, но продолжуваме да работиме. Тоа е што е. Треба да продолжиме со работа и да ги сфатиме проблемите за следната сезона“, вели Хамилтон.