Top Sport

Јунајтед и Барса во „партија покер“ за Френки де Јонг

Манчестер јунајтед и Барселона се вклучени во „партија покер“ за Френки де Јонг со нови интриги по итното генерално собрание на Барселона во четвртокот навечер, тврди британскиот „Атлетик“.

Додека ривалите од Премиерлигата комплетираа повеќе засилувања, во Јунајтед засега се потврдени само заминувањата (Пол Погба, Џеси Лингард, Хуан Мата, Единсон Кавани и Немања Матиќ), иако се очекуваше дека новиот менаџер Ерик Тен Хаг ќе има голем буџет за засилувања, почнувајќи со неговиот поранешен играч од Ајакс, Де Јонг.

Во четвртокот, на собранието на Барса се даде дозвола за два комерцијални договори со кои ќе се дава процент од идната заработувачка од ТВ-правата и продажбата на дресови и друга опрема во замена за инвестиции од 700 милиони евра. Но, потпретседателот задолжен за економски прашања на клубот, Едуард Ромеу потврди дека клубот мора да продаде играчи пред 30 јуни со Де Јонг како главен кандидат бидејќи на тој датум се затвара финансиската година на клубовите.

Токму поради ова Јунајтед сега „блефираат“ и чекаат Барселона да биде приморана на продажба, а изворите велат дека разликата во цената која ја бара Барса и парите кои ги нудат Јунајтед е 10-15 милиони евра. Тен Хаг дефинитивно смета на 25-годишниот Де Јонг како лидер на неговиот проект, а во исто време Барселона сакаат да го комплетираат трансферот на Роберт Левандовски од Баерн Минхен, за што, секако, се потребни средства.

Scroll to Top