Top Sport

Хамилтон: Се надевам дека Ред Бул нема да биде 30 секунди пред сите

Луис Хамилтон, возачот на Мерцедес, смета дека Ред Бул е голем фаворит за победа на неделната трка која се вози во Сузука.

Седумкратниот светски шампион смета дека лошото издание на Макс Ферстапен и Серхио Перез во Сингапур, каде го освоија петтото и осмото место, не значи ништо пред Големата награда на Јапонија. Пред Сингапур, Ред Бул победи на сите 14 трки во сезоната.

„Се надевам дека Ред Бул нема да биде 30 секунди пред сите како што се случуваше во минатото. Имаа тежок викенд, но нивниот болид треба да биде одличен овде. Во текот на целата година имаат одличен ритам, а им „лежи“ патеката во Јапонија“, изјави Хамилтон.

Британецот, кој беше трет во Сингапур, сега е на третото место во поредокот за возачи, зад споменатото дуо на Ред Бул.

„Што се однесува до нас, сакаме да бидеме што е можно поблиску до Ред Бул. Има работи во кои се подобривме и очекувам тој тренд да продолжи“, изјави Хамилтон.

Тркачкиот викенд во Јапонија започнува со слободниот тренинг во петок наутро од 4:30 часот по средно-европско време. Трката за Големата награда на Јапонија ќе се вози во недела од 7 часот.

Scroll to Top