Одлуката пред почетокот на Ф1 трките пилотите со клекнување да ја поддржат борбата против расизмот предизвика негативни реакции, затоа што сите Формула 1 тимови не беа сложни околу оваа одлука.
На првиот викенд во Австрија дури 6 возачи одбија да клекнат, а на вториот Ф1 викенд тоа го сторија четворица.
Наводно, дури и Луис Хамилтон, единствениот црномурест возач во Ф1 вршел притисок кај колегите, но безуспешно.
Хамилтон е предводник на идејата, тој во неделата беше единствениот возач што облече маица со натписот „Black Lives Mattter”, а после трката на која триумфираше, ги прозиваше конкурентите од Ферари.
„Некои тимови не реагираа на вистинскиот начин. Видовме дека сите механичари на Ред Бул решија да клекнат што е сјајно, но ако ги погледнете Ферари, каде работат илјадници луѓе…Не сум слушнал дали тие се чувствуваат одговорни за ова што се случува“ рече Хамилтон.
Британецот смета дека е потребно да има „специјална комисија“ која ќе успее да продре во изворот на проблемите.
Неговиот колега од Ферари, Шарл Леклер одби да клекне во првите два викенди во Ф1.