Луис Хамилтон вели дека неговите бурни пораки до тимот на Мерцедес во финишот на Турското ГП се направени во „жештината на моментот“ и дека не е лут на одлуката на „сребрената стрела“ да го повлече во боксот за промена на гумите.
Седумкратниот светски шампион беше на третото место, кога по повеќе разменети пораки со тимот, влезе во боксот и на крајот трката ја заврши на петтото место иако инсистираше дека може да ја заврши трката без да ги смени гумите. Со второто место на Макс Ферстапен, Холанѓанецот сега има 6 поени предност на шест трки пред крајот на сезоната.
„Видов дека во медиумите се кажаа многу работи за инцидентот на вчерашната трка и одлуката да се влезе во боксот. Не е вистина дека сум лут на тимот. Како тим работиме напорно за да одбереме најдобра можна стратегија, но секогаш има многу фактори кои постојано се менуваат. Вчера ризикувавме со останувањето на патеката со надеж дека ќе биде суво, но не беше така. Сакав да ризикувал и да одам до крај, но тоа не функционираше и на крајот моравме да мислиме на безбедноста. Живееме и учиме. Победуваме и губиме како тим. Не очекувајте да бидам пристоен и смирен на радио кога се тркам, бидејќи сите сме страствени по спортот и тоа се покажува во жештината на моментот, како кај сите возачи. Моето срце и духот се на патеката, оганот ме донесе до тука и лутината бргу се заборава и се планира следната трка“, напиша Хамилтон на Инстаграм.