Заменикот шеф на тимот на Форс Индија, Боб Фернли си замина од тимот околу кој има огромна конфузија и чија иднина не е толку сигурна како што се чинеше.
Фернли, кој беше на позиција на заменик шеф зад сопственикот Виџај Малја, но го водеше тимот повеќе од една деценија, дојде во тимот кога тој беше купен од индискиот бизнисмен и Михиел Мол на крајот на 2007 година. Бидејќи Малја не можеше да патува (за да не биде уапсен и екстрадиран во Индија), Фернли беше тој кој го водеше тимот покрај извршниот директор Отмар Шафнауер.
Оваа вест доаѓа откако останува нејасно дали на тимот ќе му се дозволи да се трка овој викенд во Спа, бидејќи по откупот од канадскиот милијардер Лоренс Строл тимот најверојатно ќе мора да стратува како нов легален ентитет (односно ќе ги загуби парите од ТВ правата), по несогласувањата од тимовите на Вилијамс, Мекларен и Рено.
Покрај тоа, шпекулациите во Белгија велат дека ќе дојде и до „итно“ менување на составот на тимот, за кој сега настапуваат Мексиканецот Серхио Перез и Французинот Естебан Окон. Според повеќе медиуми, Ленс Строл, синот на Лоренс, веќе во Монца ќе биде во Форс Индија покрај Перез, додека Окон ќе заврши во Мекларен. Местото на Строл во Вилијамс ќе го пополни третиот возач на Вилијамс, Полјакот Роберт Кубица.