Top Sport

Хонда: Алонсо премногу не критикуваше

Шефот на Формула 1 проектот на Хонда, Јусуке Хасегава признава дека дел од неговите колеги не биле импресионирани од директните критики кои ги добиваа од возачот на Мекларен, Фернандо Алонсо.

По три неконкурентни и нестабилни години заедно, партнерството Мекларен-Хонда ќе биде прекинато по последната трка од сезоната во Абу Даби. Следната година Мекларен ќе работи со Рено, додека Хонда како свој клиент ќе го има тимот на Торо росо. Хасегава признава дека трите години биле години на висок притисок, најмногу од Алонсо.

„Алонсо секогаш ми вршеше притисок мене директно. Ако болидот беше лош, нему не му пречеше веднаш да дојде и да ми каже дека не е среќен. Но, тој е добра личност и не му беше пријатно да ме кара. Тој имаше право на критики, но некои луѓе во Хонда не беа задоволни од неговиот однос. За мене лично, тоа не претставуваше проблем и штета што не му дадовме добар мотор“, изјави Хасегава во интервју за шпанскиот весник „Ел конфиденсијал“.

Хасегава исто така признава дека направиле голема грешка со огромните очекувања за брз напредок.

„Очекувањата на Хонда беа превисоки. Тоа беше нашата главна грешка. Бевме премногу амбициозни, но не бевме подготвени за тоа во 2015. Но, во нашиот идентитет е и борбата за успех и затоа не се предаваме“, додава Хасегава.

Scroll to Top