Мерцедес не се единствениот Ф1 тим кој работи на дизајн на страничните крила налик на тој на Ред бул, бидејќи и Ферари планираат да воведат целосно нов дизајн пред трката во Имола, нивната прва домашна трка, тврди „Моторспорт“.
По спориот старт на сезоната во првите две трки од сезоната, Ферари не само што се далеку од засега доминантните Ред бул, туку немаа шанси ниту да се борат за место на подиумот, откако изгледа дека Астон Мартин го имаат вториот најбрз болид на стартот. Мерцедес веќе потврдија дека нема да биде проблем да се копираат дел од аеродинамичките решенија на Ред бул, а сега и Ферари се решиле за промени.
Во Скудерија се надеваа дека ќе можат да дебитираат со новите странични крила на Азербејџанското ГП за три недели, но деловите нема да бидат достапни до Имола. Проектот го предводи шефот на шасии во тимот, Енрико Кардиле, а главната цел е да се подобрат перформансите на патеките на кои може да се вози „пониско“. Останува да се види дали визуелно решението ќе наликува на тоа на Ред бул.