Возачот на Гресини, Алекс Маркез, ќе остане во италијанскиот тим и следната сезона, но ќе има на располагање фабрички мотоцикл, ист како што има неговиот постар брат Марк во Дукати.
Алекс е главен конкурент оваа сезона на осумкратниот светски шампион во борбата за титулата, иако сега е сигурно дека возачот на Дукати ќе ја освои, можеби и na следната недела во Јапонија.
Помладиот Маркез има забележано вкупно 21 подиум од почетокот на сезоната – 11 во спринт трките, заедно со 10 во главните трки, вклучувајќи победи во Херез и Монтмел, но сите на минатогодишната верзија на Десмоседичи.
Неговите изданија во раните фази од сезоната беа јасна порака до Дукати дека заслужува фабрички мотоцикл, а тоа го разбраа во седиштето на компанијата во Болоња.
„Вистинска чест е што ќе се тркам на фабрички мотор со Гресини. Тимот работи беспрекорно веќе неколку сезони и верувам дека ова е награда за сите, и за мене и за целиот тим. Ова е само еден чекор напред кон нашиот сон и уште подобри резултати во 2026 година“, рече Маркез.
Покрај постариот Маркез, оваа сезона и Франческо Бањаја и Фабио ди Џанантонио имаат на располагање фабрички мотор, но нивните резултати не се ни блиску до оние што ги постигна Марк, но и Алекс. Иако имаше шпекулации дека Диџа би можел да остане без фабрички мотор, се чини дека Дукати одлучи да го задржи него, а Фермин Алдегер и Франко Морбидели да ги задржат на постарите спецификации.
Првенството во Мото ГП продолжува следната недела со Големата награда на Јапонија, каде што Марк Маркез ќе стане деветкратен светски шампион ако освои три поени повеќе од својот помлад брат.