Генералниот менаџер на Формула 1, Рос Браун вели дека осумте европски трки кои беа потврдени оваа недела се доволни за сезоната 2020 да биде сметана за сезона од Светскиот шампионат дури и да не се оддржи некое друго ГП.
Според сопствениот спортски код на ФИА, за некоја сезона да се смета за Светски шампионат треба да се посетат барем три континенти, но Браун вели дека и со осумте европски трки ќе биде доволно да се именува така.
„Во теорија, осумте европски трки ќе комплетираат еден Светски шампионат. Голем предизвик е да се организираат овие европски трки, а само пред две-три недели тоа изгледаше невозможно. Но, сега верувам дека имаме доволен календар. Има време да се направат и дополнителни одлуки“, вели Браун.
Засега, не се закажани други трки по таа во Монца на 6 септември, а на тимовите им е соопштено дека единствени „релативно сигурни“ следни трки се во Бахреин и Абу Даби на крајот на годината. Се верува дека наскоро ќе се потврди и откажувањето на трките во Азербејџан, Сингапур, Канада и Јапонија.