Италијанските медиуми не беа „нежни“ со Ферари и со Себастијан Фетел, оценувајќи дека борбата за титулата кај конструкторите и кај возачите е завршена по победата на Луис Хамилтон на трката во Сингапур со генерална оценка дека „Ферари го имаат најдобриот болид, но не и најдобриот возач“.
„Збогум за титулата на Фетел“, напишаа во „Газета“, а Умберто Цапелони продолжи: „Слично како лани, само што сега е уште потажно, бидејќи Ферари го имаат најдобриот болид. Но, не и најдобриот возач“. Во „Ла република“ оценија дека Сингапур е „крај на шампионатот“ за Ферари.
Поранешниот Ф1 возач, Алекс Занарди, исто така го испофали Хамилтон, не криејќи го разочарувањето од Ферари.
„Се работеше само за една трка, но таа беше вистинско огледало за целата сезона. По Монца сите имаа впечаток дека со победа работите ќе дојдат на свое место. Но, Луис Хамилтон ги закопа сите со совршена трка, речиси поетична. Математички, во Ферари можат да веруваат. Но, реално, само еден возач доминира“, напиша Занарди во „Газета дело спорт“.